Манастир Успение на Пресвета Богородица, Матка

СВЕШТЕНИ ОДЕЈАНИЈА. Орнаментика на вез

Инспирацијата ја црпиме и се ползуваме од богатата ризница на фрескоживопис и црковната орнаментика како и од автентичните шари од носиите на народното творештво што ја твореле и ни ја оставиле во наследство со векови наназад нашите предци вдахновени од Светиот Дух.

ВЛАДИМИРСКО УСПЕНСКИ

Везот на овие одејанија е дизајниран според орнаменти од фрескописот при познатиот руски храм „Успение на Пресвета Богородица“ во градот Владимир, Русија. Станува збор за извонреден споменик на руското градителство изграден во XII век. Самата црква е виртуозно архитектонско достигнување со уникатен, еминентен, живописен фрескопис, со димензии од 300 метри квадратни. Фрескописот е изработен од познатиот иконописец Андреј Рубљов и неговиот ученик монахот Даниел Чорни, кои ја доловуваат сензитивноста и убавината на византиското фреско-сликарство.

Изработката на ова одејание е на материјал од сурова свила со контрастна боја на конец, и мали детали везени со свилен конец во боја на основата.

УСПЕНСКО ВЛАДИМИРСКИ

Везот на овие одејанија е дизајниран според орнаменти од фрескописот при познатиот руски храм „Успение на Пресвета Богородица“ во градот Владимир, Русија. Станува збор за извонреден споменик на руското градителство изграден во XII век. Самата црква е виртуозно архитектонско достигнување со уникатен, еминентен, живописен фрескопис, со димензии од 300 метри квадратни. Фрескописот е изработен од познатиот иконописец Андреј Рубљов и неговиот ученик монахот Даниел Чорни, кои ја доловуваат сензитивноста и убавината на византиското фреско-сликарство.

Везот е дополнет со прецизни обиколки, и мали детали во друга боја на конец од основната. Се ползуват само срмени конци за изработка на овој модел. 

ЛЕСНОВО

На овие одејанија дизајнот на везот е компониран според детали од епитрахил на Св.Јован Богослов, фреска во олтарниот источен ѕид во храмот посветен на св. Архангел Михаил во Лесновскиот манастир. Лесновскиот манастир е основан и посветен на св.Архангел Михаил во 11 век- од св.Гаврил Лесновски кој самиот 30 години живеел во испосница во околината, сочувана до денес. Возобновен е во 1341 година од Деспот Јован Оливер. Фрескоживописот, од кој се земени и споменатите детали за везот, е завршен во 1347 година најверојатно од четворица зографи.

Везот на основниот модел-Лесново се изработува во една боја по избор.

ЛЕСНОВСКИ

Идентично со моделот Лесново – основата на дизајнот на везот е компонирана според детали од епитрахил на Св.Јован Богослов, фреска во олтарниот источен ѕид во храмот посветен на св. Архангел Михаил во Лесновскиот манастир. За моделот Лесновски, дизајнот е дополнет со повеке линии, и е подготвен во обратна перспектива, истакнувајќи ја самата златна основа на материјалот.

Распоредот на Иконите и самиот вез на сакосот е изработен по пример на стар сакос од Московскиот патријарх Фотиј од 14-ти век. На предната страна од сакосот кружно распореден околу просторот со иконите е текстот на Господовата молитва, по избор -на македонски јазик, а на соодветната грбна страна – Символот на верата.  Соодветно, на  епитрахилот, левото и десно ракавче и надбедреникот, се прозбите кои ги произнесува свештеникот при  нивното облекување.

Кружно поставен на фелонот, везот завршува со текстот на Господовата молитва (по избор – на македонски јазик). 

Иконите се во дел по избор на нарачателот.. Покрај учесниците во самите настани претстaвени на грбниот крст на иконата на  Христовото Распетие, во овални икони се претставени : Архангел Гаврил и Пресвета Богородица од Благовештение, Свети Јосиф и Пресвета Богородица со Христос од Рождество Христово. Изборот на икони соодветно на двата пара одејанија е-Свети Јоаким и Ана од Воведение Богородично, Свети Захариј и Елисавета, Свети Кирил и Методиј, Свети Климент и Наум, Свети  Гаврил Велички и Свети Гаврил Лесновски -на едниот и -Свети Константин, Света Марина, Свети Јован Крстител, Свети Илија, Пресвета Богородица и Господ Исус Христос -на другиот пар одејанија. Во цел раст на надбедреникот е везената икона на Господ Исус Христос на престол.

АРИЗОНА

Дизајните за свештените одејанија Аризона се изработени според епитрахил на старец Ефрем од Аризона, од каде потекнува и нивното име. Основниот модел е изведен на црвена основа со вез во бели, златни и црни нишки.. Оттогаш по избор на различни отци се создадоа повеќе комбинации на бои од овој модел на одејанија..

Везот на Аризона моделот на одејанија во сите комбинации на бои ја има златната срма со која се везени кластовите пченица, и две одбрани соодветни бои на различните основи.

НОВОТИХВИНСКИ

На овој модел одејанија, основата на дизајнот на везот е од сестрите при Новотихвинскиот манастир, кој се наоѓа во Екатеринбург, Русија.

Овој вез  е во две бои.. 

ЗОГРАФ

Дизајните за овие одејанија се инспирирани од светогорскиот манастир Зограф. Везот е изработен во соработка со братството на манастирот Зограф, според фотографии на нивни постари барјаци. Иконата на надбедреникот е според зографската икона на свети Георгиј Победоносец. Крстот е од купола на црквата во манастирот.

Овој вез  е во две бои.. 

ДИОНИСИЈАТ

Манастирот Диносијат низ своето повеќевековно опстојување создал богата ризница, икони фрески, прекривки. Интересна e постојаноста на одредени елементи во нив, и ненаметливоста на деталите. Еден израз неразнолик туку воедначен и издржан, пренесен  во овој модел на одејанија.

Од овој модел комплетно се изработени само барјаци и покровци, останатите елементи од одејанијата се во процес на изработка.

ПРОТАТОН

Дизајнот на овој модел одејанија е според комбинација на детали од двери и Петолебница, своини на светогорскиот манастир Протатон.

Крстот е украсен со цветови и изданоци, извезени со срми во нијанси на златна боја. Дизајниран е според крст на конусна купола, која го надвива цилиборумот (столпчестиот покрив) на сребрена Петолебница од 1746г.. На посебен сребрен сад, имајќи го централниот дел на дискот за петолебие, е гравирана иконата на Богородица со Богомладенцот, во плиток релјеф. На контурите на дискот е врежана посветата:„Овој петолебник и припаѓа на Нашата Заштитничка на Кареја на Протатон…“.

Овој модел има еднобоен вез од срмен конец.

СТАВРОНИКИТА

Крстот и деталите од бордурата, на овој модел на одејанија, се дизајнирани според компоненти на минијатура од псалтир од  XIII-ти век, од манастирот Ставроникита, Света Гора. Самото дрво на фелонот пак, иако е компонирано од истите детали, работено е според пример на вез на постар фелон со икони на дванаесетте апостоли.

Се користат 4 бои за изработка на ова одејание, од кои доминираат темносината и златната, кои се одлика и на минијатурата на страната на првиот Давидов псалм.

СТОБИ

Мозаиците од археолошкиот локалиетот Стоби се основа за дизајните на овој модел одејанија.
На епитрахилот е вклопен мотив дизајниран според Псалмот 42, кој е дел од мозаик  од така наречената „куќа на псалмите“.

Псалмот 42.1- „Како што кошутата жеднее по изворн водни, така и мојата душа жеднее за Тебе, Господи !“, ја споредува жедта на човекот за Бога – самиот Извор на Животот, со таа на кошутата. Имено, кога таа ќе изеде змија, доколку во краток период не се напие вода- умира.

Мозаикот е во бои кои доследно се пренесени во одејанието од овој модел везено на крем материјал за основа. Сино-зелениот модел е везен инверзно.

СКОПСКА БЛАТИЈА

Дизајните на елементите кои се дел од одејанието се според празнична носија од источно-скопскиот регион- познат под името Скопска Блатија. Самиот Велјушки крст е вклопен во овој модел на тој начин што е извезен од детал од носијата.

На ракавот од сакосот, мотивот на везот е именуван „девет цвета“. Пет од нив образуваат крст вертикално-хоризонтално, а пет по двете дијагонали. Малиот крст опколен со златни нишки го има и централното место во бордурата.

Одејанието е везено со срмени конци, во 5 бои.

НАГОРИЧАНЕ

Изработката на овие одејанија е направена со везени детали според елементи од одеждите од фрескописот на Михаил и Евтихиј во црквата од 11-ти век посветена на свети Георгиј во Старо Нагоричане.

Свештеничките одејанија се искомбинирани и со ткаен  полиставрион со нитки срма.

ПОЛИЕЛЕЈНИ

Овој модел на одејанија се инспирирани од полиелеј – многусвеќник. Полиелејот е основа според која се дизајнирани крстот и елементите користени во бордурните линии на одејанието. 

Изборот на конец за везење на овој модел е срма, која најдобро се вклопува во мотивот на полилеите и најавтентично го доловува металниот сјај на еден полиелеј.

СИНАЈ

Одлика на овој модел на одејанија е едноставноста на дизајнот. Раскошноста на комплетниот изглед се добива со многукратно повторување на едноставните, но силни елементи. Самите елементи и ваквото решение на полнота на везот и постојаноста, се земени од Синајскиот манастир.

Изборот на конци за везење на овој модел одејанија, се нијанси на сребрена срма за сребрено-црниот полиставрион, и златни на златно-црвениот. 

ПОЛИСТАВРИОН

Материјалот за овие одејанија е сип – вткаена срма, со многу крстови – полиставрион. Има мал едноставен вез во самите крстови. Основниот модел е со грбен крст. Се користи ткаен ширит на краевите на сите елементи од одејанието.

Моделот на крстот за одејанијата е по избор на свештеникот.

МАНАСТИР

Манастир е едноставен модел на одејанија кој е дизајниран според фрескописот на одежди од 11-ти век.Овој тип на одејанија, поради својата едноставност, најчесто го одбираат монасите. И првото одејание од овој модел изработено во руски стил, заедно со ѓаконските одејанија, исто така беше нарачка за манастир, на Американската православна црква.

Везот е во комбинација на две бои.

КСЕНОФОНТ

Мотивот за крстот е од Осмогласник- Антологија од 1671 во манастирот Ксенофонт.
Тоа е сопствениот Осмогласник на Хризафис Помладиот, со нови мелодиски украси и нови мелафонични музички знаци, по кои и денес пеат псалтите во Цариград. Дополнет е со Антологија, која ги вклучува сите композиции на Хризафис до времето на пишувањето во 1671 година.
Содржи седум прекрасни полихроматски(повеќебојни) минијатури. Една од нив се користи за композицијата (вплетувањето) на овој Ксенофонт крст. Користени се златна срма и вискозни/свилени конци во црвена и сина боја.

За овој модел се користени ткаени ширити (по избор може да се и тие везени). Можен е избор на крст или путир за градните делови на малиот омофор, грбниот дел на сакосот, и на завршницата на епитрахилот.

ВЕЛЈУСА

Велјушкиот крст е основен мотив на овој модел на одејанија. Крстот првпат е прикажан во црквата „Пресвета Богородица Елеуса“ во Велјушкиот манастир, во околината на Струмица, кој датира од 1085 година. Претставен е на самата фасада на црквата, но исто така е и дел од архитектноската структура на самата црква.
Овој крст со уникатна сложена структура, немајќи ниту почеток, ниту крај, повторувајќи се постојано во својот образец, ја симболизира вечноста и Царството Небесно.
Во последните децении Велјушкиот крст стана препознатливо обележје на Македонската Православна црква.

Везот на овие одејанија е во две бои, особено што везот на деталите и ширитите е според моделот Ксенофонт.

ЕЛЕУСА

Модел на одејанија во кои велјушките крстови, се вплетени меѓусебно, оставајќи средишен кружен простор во кој се вметнува крстот од Водоча или Матка, соодветно. Целиот дизајн е настанат постепено, првично за прекривки, потоа за владички и свештенички одејанија, во соработка со јеромонаси од повеќе манастири.

Везот на владичките одејанија е во една основна и 4 додатни комбинации на бои. 

БОГОРОДИЧНИ

Дизајнот за овие одејанија е од моделот Матка, по примерот на македонската носија. Сепак сината боја, како основа, е користена заради изборот на Богородичните икони, кои се дел од ова одејание- со што истото доби нов поинаков изглед.

Сакосот на владичките одејанија е изработен од две нијанси на сурова свила, вшиени меѓусебно со вез од сребрена срма.

МАТКА

Првото одејание e дизајнирано за блаженоупокениот митрополит Кумановско – Полошки, Кирил.  Боите и решението на дизајнот е по пример на македонските носии. Тоа e првиот покомплексен вез кој заеднички го има изработено сестринството, оттаму и името – Матка. Во самиот вез се вклопени Три крста во бесконечност, под кои е поставен мал путир, по примерот на канмената резба на делот од олтарен столб од  6-ти век вграден во манастирската црква. Крстовите имаат едноставна права форма. Деталите во нив се според крстови на омофор на икона на свети Никола.

Везот  на одејанијата е во една основна и детали во златна боја.

Изберете

Свештени одејанија

Според намената, има неколку типа на одејанија. Владички, свештенички, ѓаконски, храмови прекривки, плаштаници, бајраци