Лесновски владички одејанија
Идентично со моделот Лесново – основата на дизајнот на везот е компониран според детали од епитрахил на Св.Јован Богослов, фреска во олтарниот источен ѕид во храмот посветен на св. Архангел Михаил во Лесновскиот манастир. За моделот Лесновски, дизајнот е дополнет со повеке линии, и е подготвен во обратна перспектива, истакнувајќи ја самата златна основа на материјалот.
Распоредот на Иконите и самиот вез на сакосот е изработен по пример на стар сакос од Московскиот патријарх Фотиј од 14-ти век. На предната страна од сакосот кружно распореден околу просторот со иконите е текстот на Господовата молитва, по избор -на македонски јазик, а на соодветната грбна страна – Символот на верата. Соодветно, на епитрахилот, левото и десно ракавче и надбедреникот, се прозбите кои ги произнесува епископот при нивното облекување.
Иконите се во дел по избор на нарачателот. Покрај учесниците во самите настани претставени централно, Христово Распетие, Слегување во ад-Воскресение, Успение и Покров на Пресвета Богородица, во овални икони се претставени : Архангел Гаврил и Пресвета Богородица од Благовештение, Свети Јосиф и Пресвета Богородица со Христос од Рождество Христово, Свети Јоаким и Ана од Воведение Богородично, Свети Захариј и Елисавета, Свети Кирил и Методиј, Свети Климент и Наум, Свети Гаврил Велички и Свети Гаврил Лесновски, Христос Агнец, Свети Василиј Велики и Свети Јован Златоуст, Ангели. Во цел раст, на малиот омофор и надбедреникот соодветно, се везените икони на Свети Јован Крстител, Пресвета Богородица, и Господ Исус Христос на престол.
Материјал: сип
Конец: Gunold Sulky, Gunold Mety, Madeira Gold, LumiRex Metallic