Е-продавница. Манастир Успение на Пресвета Богородица-Матка

Молитвата е плодот, а ракоделијата се лисјата. Потребен е трудот во обете, заради Него.
Плодот е секогаш дар од Бога.

СВЕШТЕНИ ОДЕЈАНИЈА

Инспирацијата ја црпиме и се ползуваме од богатата ризница на фрескоживопис и црковната орнаментика како и од автентичните шари од носиите на народното творештво што ја твореле и ни ја оставиле во наследство со векови наназад нашите предци вдахновени од Светиот Дух.

 Сестринство при манастирот твори свештени одејанија од самото основање на обителта во 1998 г.

МОНАШКИ ПРОИЗВОДИ

Создавањето дизајни за одеждите, поттикна во нас потреба за учење и проучување на икописот, мозаиците, калиграфијата, фрескописот, ризниците со одежди, но и традиционалните, најчесто македонски, ткаени и везени ризи. Самото тоа во нас роди мал творечки поттик, чиј плод е оплеменувањето на шолји и кадилници, торби, разделници и врамени везови со стилизирани византиски орнаменти и народни шари.

Монашки ракоделија се и правењето на лековити мацерати (инфузирани масла), креми, ликери, слатка, како и плетењето на бројаници.

Сестринството денот го започнува во раните утрински зори со собирање на краток синаксис, на којшто се читаат кратки поуки од свети отци, како подготовка за келијното молитвено правило, се до започнувањето на дневните послушанија, при кои се изработуваат и манастирските производи. Сестрите за време на послушанијата го негуваат молчанието и постојаното кажување на Исусовата молитва.